Pages

Sunday 11 December 2011

Што значи да се биде активист

Пред се’, ќе ме сфатат оние кои уште како деца реагирале на неправди и злочин. Не го сфаќале однесувањето на авторитетите, не го прифаќале страдањето на послабите. Се бунеле на секоја иритирачка ситница на родителот, наставникот, потоа професорот, вртење грб на другарот во друштвото, исмејување на несличниот на останатите, неправедно оценување во фактичките и фиктивните случаи, предавство, лицемерие и користољубие.
Во вакво фригидно општество, вистинските човечки вредности се умртвени. Еден мој професор тоа го опиша вака – ако сакаш да убиеш човек, можеш да му рокнеш нож в срце и да го залепиш од болка, но неговото мртво тело ништо нема да ти значи. А ако го боцнеш со игла, тој ќе почувствува нешто како убод од комарец, па ќе го поврзеш со отровната инфузија и нема ни да ги почувствува капките отров што го парализираат, па ќе си играш со него, ќе манипулираш со неговата душа и тело, ќе го исцрпиш тотално и ќе го исфрлиш кога нема да ти е потребен повеќе. Тоа се случи со луѓето тука – мртви се без да се свесни за тоа. Претепани, не реагираат на шамарите секојдневно што ги јадат од системот и државата.
Ќе ме сфатите најлесно вие кои уште како деца бевте лути на глувоста и слепоста на останатите. Вие – кои отсекогаш бевте трн во очите на големите луѓе и чудни и по малку смешни во очите на блиските.
Колку пати ви велеле – замарајте се со себе, колективните проблеми не се интимни и не сте зачин за секоја чорба.
Еј! Луѓе! Па јас ја гледам големата слика! Јас сум парче хартивче, дел од големата слагалица, јас сум мало алче во синџирот на човештината! Зарем сите да попуштиме и да се скриеме во розеви ѕидови, зарем да градиме нови домови за нашата самотија кога првиот дом што го имаме се распаѓа? Бродот тоне, не сме глувци да го бараме сувото!
Се плашев дека сум изрод кој се оштри на падот на државата, екологијата, младоста, ентузијазмот. Сама сум? Само јас ли се лутам на искршените школски клупи, најлоните наместо прозори во распаднатите домови, ќесите во езерото и безличноста на луѓето?
Само јас ли сум фрлена на потсмев со моите идеи, вербално напаѓана од моите кога ми велат “фати се за себе и гледај си го патот”, со врзани раце да помогнам бар малку, бар најмалку овој свет да се обои над сивилото што не голтнало сите?
Идејата не спојува. Рацин рече – “та не сме саде ние, та не сме саде тука”!
Не постои ништо подобро од моментот кога ќе те спои животот со прекрасни луѓе кои го делат истиот дух како тебе. На многу начини различни, но суштински исти, се надополнувате, се охрабрувате, се радувате и тажите на успесите и падовите во борбата против зомбизмот кај луѓето. Да, неретко губите верба во себе си и во она што го работите. Често немате разбирање од околината, немате пари и средства за да го остварите зацртаното, немате отворени врати и едноставно посакувате да кренете раце од се’ и да продолжете сами. Тие ќе се тука да ви ја вратат вербата и да ви го удрат потребниот шамар кога заспивате со останатиот свет. Ќе ве потсетат дека ништо што е искрено и посакувано од срце не е залудно.
Да си активист значи да си човек. Да си активист значи да си стегнатата алка во човековиот синџир. Да си активист значи да си жнеач чии плодови, иако можеби подоцна, но еден ден со сигурност,  ќе изникнат над асфалтираните полиња на градот. Да си активист значи да си дел од една фамилија чии деца се големите соништа. Да си активист значи да имаш силни две раце кои тие соништа ги остваруваат.
Што значи да си активист најдобро ќе ме сфатат оние кои веќе си го пронашле местото на фронтот. Другите ќе сфатат кога ќе ја откорнат отровната игла од вената и ќе излезат од розевите ѕидови.
Ние сме деца на светот.
Еден свет – една борба!

Налутете се! Еден свет - една борба!

Родени сме како борци. Оној првиот плач на бебето прв пат кога вдишува не е ништо друго освен крик на предизвик! Растеме диво и брзо, сакаме се’. Одземи му на дете чоколадо, само пробај! Пробај оттргни го од играта, како бран ќе те заплиска борбата на детските рачиња за она што им припаѓа.
Потоа не праќаат во школи. Ако сме немирни, велат – ќе ти викнам полиција! Ако сме послушни ќе добиеме награда. Не воспитуваат со шамар што ќе го добиеш пред да згешиш. Добиваме титули – претседател на клас. Абе ајде! Авторитетите се наметнати уште пред да знеме што значат. Не замолкнуваат со трошки идеи, па не складираат во конзерви пред да ни светне дека знаеме да летаме.
Налутете се!
Налутете се на родителите, на професорите, на законите, на лидерите, налутете се на светот! Послушноста никогаш нема да донесе промени. Послушноста никогаш нема да даде нови одговори. Вистината е маслена топка во вода и ја менува формата како што ја тресете чашата. Не им верувајте кога ви раскажуваат за неа. Имате ваши очи, имате свој посебен поглед на светот. Не давајте да ви го одземат, да ви ги стуткаат идеалите и да ве заковаат како уште една шаховска фигура на црно-белото поле под вас. Откријте ги боите.
Ни отвораат само една врата – нозете на мајката. Потоа лажат дека се’ е пресметано и наше е да го обезбедиме клучот за единствената врата на нашите деца. Лажат. Лажат кога велат дека во ова време на прецизни пресметки кога се знае како се вика втората ѕвезда над нас од левата страна на месечината, не се знае што се крие во човековата душа. Лажат за да не си ги најдеме крилјата таму, да не им клизнеме низ раце, да не им плеснеме в лице дека нивната сегашност е бајата риба на пазарот за преживување!
Не им ја давајте револуцијата. Револуцијата не е историски факт кој некогаш донел некакви си промени. Револуцијата е во нас, таа потреба од еволуција, потреба од креативност, уметност, слобода, среќа, љубов, живот.
И’ дадоа смешен призвук во 21 век, ко да сме деца во везени елеци и пушки на појасите. Одбивна за модерните уши врзани за слушалките на радијата кои ни пласираат стари вести, уши кои се плашат од нови мелодии.
За нив бесот е грев. Болката е патетична.
За нас, болката е шифра на новото време.
Ајде, да го разбудиме детето во нас. Нека се трча, нека се гребат коленици. Нека се лета, нека се рушат граници.
Еден свет – една борба!