Pages

Showing posts with label ние и светот. Show all posts
Showing posts with label ние и светот. Show all posts

Wednesday, 30 May 2012

Академска Траума



Можеби некаде претходно сум спомнала дека историјата не ја пишуваат само историчарите.   Всушност, јас лично не и' верувам многу на таа наука.

Сите вие што творите, што создавате, знаете на што мислам кога велам дека уметноста не може да излаже. Тука не мислам на партиските и државните пропаганди со импровизациите низ Скопје, ами на една млада, прогресивна и мошне талентирана уметничка сила по улиците, факултетите, ателјеата, библиотеките...
  
Пред два дена, мојот другар Ертунч ме покана на една негова изложба во Детскиот Театарски Центар во Стара чаршија.
Минатата година, Факултетот ги одби студентите од прва и втора година за традиционалната завршна изложба. Не биле компетентни. Затоа, она што не им го даде Академијата, Ертунч, Давид, Бранкица, Елена и Дарко си го зедоа сами! 
Изложбата се вика Академска траума.

За компетентноста:
Отруени сме од твоите, драг свету, манипулативни методи на терор. Од (не)знаењето што го продаваш по факултетите. Од национализмот што го продаваш по плоштадите. Од мостовите што ги купуваш од даноците. Од кражбите по банките. Од срањата по телевизиите. Од твојата стандардизирана компетентност да одлучуваш што е вредно, а што не.

За траумата:
Траума е именка во женски род и означува:
1. Органски оштетувања настанати како резултат на физичка сила.
2. Душевни растројства што делуваат во потсвеста. 
Во наше време, траума е и едно моторче во мозокот што се вклучува кога се' друго ќе згусне. Тогаш уметникот знае да направи дела што го отсликуваат токму тоа наше време.







Изложбата е отворена од 28 мај до 01 (или втори или трети) јуни.
Посетете ја и потсетете се што се' не не трауматизира денес. Овие дела, во најмала рака, ја отсликуваат нашата реалност, нашето време, повеќе од чудата што никнуваат секој ден по раскопаните ни улици.













Sunday, 13 May 2012

Ноам Чомски - "10 стратегии за манипулација" од страна на медиумите.



1. Стратегија на одвлекување на вниманието

Суштински елемент на социјалната контрола е стратегијата на одвлекување на вниманието. Преку техниката“ Flood ”, или поплавување на јавноста со тривијални информации, нејзиното внимание се пренасочува од проблемите и значајните промени одлучени од страна на политичките и економските елити.
Стратегија на одвраќање исто така е од суштинско значење за да се спречи јавниот интерес во основните знаења од областа на науката, економијата, психологијата и кибернетика.
"Чувајте го народот зафатен, зафатен, зафатен, без време да се мисли; назад на фармата со другите животни" (Цитирано во текстот “ Silent Weapons for Quiet Wars”).





2. Создавање проблеми и нудење решенија.


Овој метод исто така е наречен и "Проблем-реакција-решение." Значи, се создава проблем, "ситуација" која предизвикува некакви реакции кај народот, така што тој мора да ги прифати понудените решенијата како единствени постоечки мерки.
На пример: се интензивира насилството по градовите, или се организираат крвави напади, така што јавноста сама се повикува на постоечките политики за безбедност, кои ја репресираат слободата и на самиот народ. Или: се создава економска криза, па мора да се прифати како нужно зло повлекувањето на социјалните права и кратењето на средства од јавните услуги.


3. Стратегијата на постепено наметнување.

За да се направи прифатлива некоја неприфатлива мерка, на тоа се работи постепено, капка по капка, неколку последователни години. На тој начин, новите радикални социо-економски услови (неолиберализмот), беа почнале да се наметнуваат во текот на 1980-тите и 1990-тите: “минимална држава“, приватизација, несигурност, флексибилност, масовна невработеност, плати кои не обезбедуваат пристојни приходи: многу промени кои би довеле до револуција ако биле применети одеднаш.


4. Стратегијата на одложување.

Друг начин да се прифати неприфатлива одлука е да се претстави како "болна и неопходна", придобивање на јавно одобрување на дадената ситуација во тој момент, за да се обезбеди идна примена. Полесно е да се прифати идна жртва, отколку моментална жртва. Прво, бидејќи мерката не е веднаш применета, потоа, бидејќи јавноста, масите секогаш имаат тенденција наивно да очекуваат “подобро утре” и дека ваквата жртва може да биде избегната. Ова и’ дава повеќе време на јавноста да се навикне на промената и резигнирано да ја прифати кога ќе дојде време за тоа.


5. Обраќање кон јавноста како кон мало дете.

Повеќето реклами, наменети за широката јавност, се користат со дискурс, аргументи и знаци со особено детска интонација, како гледачите да се ранливи суштества на многу рана возраст или ментално нестабилни. Колку повеќе се обидуваат да го измамат гледачот, толку повеќе се користат со детскиот тон. Зошто?
"Ако се однесуваш со еден човек како да има 12 години или помалку, тогаш, поради автосугестија, тоа лице има тенденција да одговори или да реагира, без многу размислување, како да има 12 години или помалку (види "Silent Weapons for quiet wars").


6. Повикај се на емоционалните аспекти наместо на критичка мисла.

Искористете ја емоционалната реакција како класична техника да предизвикате краток прекин на рационалното размислување и на смислата за критичко анализирање на поединецот. Дотолку повеќе, целењето кон емоциите ги отвора вратите на несвесното за всадување или калемење идеи, желби, стравови и сомнежи, пориви, или наметнато однесување...



7. Поттикнувај незнаење и медиокритети

Осигурај се дека јавноста е неспособна да ги разбере технологиите и методите за контрола и поробување. “Квалитетот на образованието наменето за ниските социјални класи треба да биде што посиромашно и медиокритетско, така што разликата на необразованоста помеѓу ниската и високата класа ќе остане невозможна да се надмине”.
(види: 'Silent Weapons for Quiet Wars).


8. Охрабри ги луѓето да бидат медиокритети

Промовирај и’ на јавноста дека е во мода да се биде глупав, вулгарен и необразован.


9. Предизвикај самообвинување.

Направи  секој поединец да верува дека тој/таа е виновникот за сопствената несреќа: поради неуспехот на својата интелигенција, своите способности, или своите напори. Така, наместо да се бунтува против економскиот систем, индивидуата се девалвира и се обвинува себеси, што генерира депресивна состојба, со цел да се создаде ситуација на недостаток на акција, а без акција, не постои револуција!


10. Разбери го инивидуалецет подобро отколку што тој се разбира себеси.

Во текот на изминатите 50 години, невиден напредок на науката создаде растечка разлика во знаењето помеѓу јавноста и оние кои работат за влаедеачките елити. Со биологијата, невробиологијата и применетата психологија, “системот” се здоби со ценети знаења за човекот, како физички, така и психолошки. Системот стана многу подобар во познавање на обичниот народ, отколку што тој се познава самиот. Ова значи дека во повеќето случаи, системот има голема моќ над индивидуите, отколку што индивидуите имаат врз себеси. 

Saturday, 17 March 2012

Кон денешниот Марш за мир


Сфатив дека сум тапа ако мрчам, бидејќи сите денес се будат со пеперутки во стомаците и љубов кон сето човештво и ваквите ко мене се само ширачи на негативна енергија. Тоа ми паѓа малку тешко. Веќе пишував дека сум за живот, а не соживот и дека толеранција е срање ствар и дека војната ни се смешка и мора да реагираме.
Затоа, чувствувам огромна потреба да си кажам шо имам уште пред овој марш (онака, бар за мене, бидејќи кога ќе си ја напишам мислата подобро си ја разбирам).

***
Прво, што се случи за да дојде до ова? Тепачките се случија? Ама тепачки имаше и многу одамна, само да, добро е што конечно се изреагира. Ама зошто се изреагира баш сега?

Второ, се сеќавам на Стоп за полициска бруталност. Се затвораа ФБ-групи, притисоци од сите страни, реакции од јавноста имаше, но беше толку сиромашка поддршката. Поддржувачите од елитата, интелектуалците, професорите, јавните фаци: ако поддржуваа, ќе напишеа по некоја колумна, коментар во медиум и тоа беше тоа.

Трето, маршот е заштитен од МВР.

***
Ок, гледам и позитивни и негативни страни, многу нешта ми се видливи, само, дали сум во право? 

Ете, се радувам, ќе се јави некоја совест кај луѓето. Веќе се јавува, но симпатичноста на настанот ќе повика уште и уште народ. Пропагандава е една од најпозитивните на кои сум наишла последно време, камо да има влијание врз што повеќе млади и стари.  
Кога растев, ја имав и онаа хипи фаза и многу сакав со љубов да спречам омраза. А, луѓе, тоа треба да се чува. На ланските протести најдобар момент ми беше кога седевме пред Влада и високо над главите држевме цвеќиња. Значи вистина беше добро! Само, некако... на големо се сереше да се прибереме дома. И сега, не е во ред ова денес што ќе следи да го доживувам како голем проект (поддржан на сите начини: владините и невладините дадоа зелено светло и кураж да шетаме по улици).
Сета јавност, безгранично се нафати да покаже колку е важно да постоиме такви какви што сме, да се сакаме и почитуваме, да бидеме подобри луѓе, неважно како се викаме и презиваме. Браво за тоа.

Но, негативните страни, ете нема да ги посочувам како што планирав, што знам јас, сепак сум премала.
Но ќе играат егозентризми. Не лажете дека не сте егоцентрици! Секој е таков. И јас и ти што читаш и тој што нема да прочита. Се плашам дека сите тие организатори ќе се изедат меѓу себе кој е поважен и кој прв почна со љубов. Се молам да грешам тука, ама тоа ми иде во главата.

Потоа, ова е ко проект на невладина? За еден проект, сите знаеме, треба амин, пари и се очекува нешто. Даде зелено светло се’ што е владино и невладино и смееме да се шетаме по улици? Абе кај бевте лани?? Сам по сам се м’кневме по дождој, се објаснувавме по дома колку се важни протестите, дека никој нема да не повреди, дека сме искрени, дека сме чесни. Се дом’кнавме до негде. Ете се деси.
Сега Европа се налути што сме нетолерантни едни спрема други тука кај нас, тука во нашата убава, мала, нежна држава. Телевизии, напред со камерите! Денес Европа и светот ќе видат како ние сите живееме сложно и сакаме мир и СОживот.
А од утре Македонија уште ќе плаче од национализам.
Што да направиме потоа?

И шо е со МВР? Еве, ако денес одам со транспарент на кој ќе пишува: Уа за Македонците во МВР што се справуваат со Албанци и за Албанците во МВР кои се справуваат со Македонци, ќе ми го одземат ли транспарентот бидејќи не им е по мерак?
Или Уа за поделеноста и неспособноста на МВР? Или од кога е МВР на страната на граѓаните?

Абе, шо знам јас, може само лупам. Ни мислата не ми тече како што мислев дека ќе протече. Може само требаше да порачам: да не живееме повеќе во паралелни светови со другите верски и етнички заедници во Македонија. Образованието и системот да си го стават прстот на глава. Високата политика да се потчукне малку од скапите бироа по канцелариите и да си ги смири страстите. Родителите да си ги превоспитаат децата, земајки предвид дека не ќотекот по улици, ами родителскиот ќотек е излезен од рајот. Толку.
Мир и љубов, секој ден. Не само по маршови.  


Monday, 12 March 2012

Интернатот "Гоце Делчев"


Денес, како за некој кој пишува, ја водам најтешката војна со зборовите за да успеам да ве убедам да читате до крај и текстот да не остане само прочитан, туку и ве натера да реагирате и да помогнете.
Веднаш ќе се извинам што не сум доволно умешна да прераскажам се’ како што е, бидејќи се’ ми е измешано и не знам од кај да почнам и со што да завршам.

Денониве можеби читавте по весниците за ОУ “Гоце Делчев” во селото Љубанци во Скопје. Всушност, за зградата на интернатот до училиштето и за приказната на малиот Виктор кој е едно од осумте деца кои пет дена во неделата живеат таму. Со дечките од #имајсрце собравме нешто облека и храна и решивме да го посетиме местото и да дадеме онолку колку што имаме.

Додека не го посетивме интернатот, не очекував нешто друго од една лоша зграда, скрпена и прекрпена, со лоши услови за живот и учење во сивите собички и предавални за децата. Очекував дека ќе сретнам осум деца оставени сами на себе, најсигурно згрижени само на хартија таму. Не верувам во институциите, па не можев да си го замислам местото поинаку. Очекував вработените (директорката, наставниците, хигиеничарите, воспитувачите) да ги видам со скиснати лица, како луѓе кои со сила си ја вршат работата и само чекаат да заврши денот.
Се’ уште не можам да си им поверувам на очите и на она што го видов денес. И се плашам дека не умеам да опишам какво место е всушност интернатот и колку ова е едно од најважните нешта што морам да ги запишам и бар за момент да ве одведам таму.

Чекајќи ја директорката Силвана, го разгледавме дворот и школото, поразговаравме со неколку наставнички , воспитувачот и хигиеничарките. Секој од нив не пречека и поздрави со широка насмевка, со лице кое не очекувало посета, како сами да се свесни дека местото е на другата страна од бога и заборавено од сите. Деца трчаа наваму-натаму, гледајќи не од прозорците и процепите на вратите и излегуваа од часови за да не прашаат кои сме, што бараме тука, па пак со трчање се враќаа на предавањето се’ уште ѕвекнати во нас. Наставничките трчаа по децата и ги прибираа внатре и разменувајќи збор-два со нив, ќе кажеа нешто како “прекрасно” и “добредојдовте”. Ниеден од нив не пропушти да не праша дали сакаме да ни сварат кафе додека чекаме; секоја работа можеше да чека за да се примат прво гостите. А ние, со еден гепек облека и два пакети храна, којзнае колку ќе ги израдувавме со многу повеќе?!

Се’ уште чекајќи ја директорката, во дворот на училиштето и интернатот го запознавме Виктор. Вие кои деновиве чувте за интернатот, чувте и за Виктор, бидејќи со неговата животна приказна всушност се раскажа она што имаше да се раскаже и за самото место. Но и несреќата и радоста се едни кога читаш за нив, а сосем други кога ги гледаш во две детски очи – тука пред тебе.
Виктор прво ни ја подаде главата од зад вратата на интернатот, и потоа со широка насмевка се подаде цел. Ни даде рака за здраво како возрасен човек, да се запознаеме. Не се срамеше да ни раскаже што било за него. Има 12 години. Има осум браќа и две сестри. Едната сестра живее во манастир, си оди дома исто како него, само во викендите. Мајка му и татко му се разделени и иако живее со мајка си и браќата, се гледа и со татко му. Тој го тепа.
Лицето на Виктор е изгребано од тепачки и не знам дали од што се тепал со другите деца или од што го тепал татко му. Во телото е мал, мал; и мислиш кога зборува напати ко да расте, напати се смалува уште повеќе. И еднаш има очи на дете, еднаш мислам дека зборувам со некој многу постар од мене. Виктор. Кој има 12 години. И изгребано лице. Насмеано лице.

Ти се допаѓа тука? - го прашуваме. Да, вели и се смее. Таму има топла вода, има кревет само за него, има леб и манџа, има вечера. А учиш, му велиме? И од џебот ги вади таблиците множење и делење. Учам математика, ама мислам дека таблицата никогаш нема да ја научам, претешка е – се смее. Ама цело време гледам во бројките, да не ме праша некој.
Излегоа децата од школото. Се чепкаа со Виктор, се тепаа, онака машки, а детски. Се смееа. Бидејќи е прилично мал, претпоставувам не често ги добива тој тепачките.

Дојде директорката. Не знаеш што да очекуваш од една жена таму, реков – не им верувам на институциите. Но Силвана не прими како да и’ сме први пријатели, не почасти сок и почна да раскажува. Наеднаш зградите повеќе не се распаднато школо и мртов интернат. Жената од никаде не внесе во истата зграда, водејќи не во едно тажно засолниште, во едни капии на кои самата е чувар, жена борец, мајка. Вика, заборавени сме од светот. Интернатот е под надлежност на две министерства, за труд и социјална политика и за образование. Тие, вели, само си ја подаваат топката. Така не игнорираат. Тука (во интернатот) се згрижени осум деца. Денес само Виктор е тука и којзнае кога ќе се вратат другите од дома, бидејќи родителите се проблематични и не лесно им се даваат децата таму. Повеќе би ги пуштале од мали да збираат шишиња по Скопје, отколку да ги пуштат во топла постела на топол леб. Кажува, за секое запишано дете тука следуваат по 4000 денари месечно. Тоа ли се пари за да го нахраниш и стоплиш детето цел месец? А од ноември немаат испратено ништо, доцнат. Еве пет месеци се запишувам по драгстори и маркети за да ги прехранам. Да не се гладни. Понекогаш, ама толку ретко, како еднаш во неколку века, доаѓа некој добар намерник и донира што може. На пример, пред некое време, една жена од Британска бизнис групација, практично го реновира интернатот со тоа што донира нов ламинат, кревети за децата и плакари. Но државата не си ја врши својата работа. И ние и децата се’ уште сме некаде на маргините.

Откако ни го раскажа животот на Виктор, всушност она што и сам си го кажа за себе, Силвана ја раскажа една од најтажните приказни, нешто што се случило таму пред две години. Во интернатот имало две сестрички на возраст од седум и осум години. Мирни, тивки и повлечени, живееле со татко им, мајката ги оставила. Силувана од мажот и користена како стока за размена за шише ракија, го напуштила домот и ги оставила двете девојчиња со тој страшен човек. Директорката вели – со мене секогаш беше фин. Кој да ти знаел каков монструм се крие во него? Вели, еден ден ми се јави едната воспитувачка. Ги чула девојчињата како си зборуваат нешто. Шепотат нешто страшно, најстрашно. Кажуваат како татко им... како некаде нешто ставал. И не знам каде да барам сега зборови за да ја опишам грозоморноста на ова, а да не дотурам масло на огнот? Двете девојчиња, две уништени животи, брутално силувани од сопственот татко и некој негов пријател. Не еднаш, не два пати. Многу пати, секаде и секако како што се може! Луѓе, знаете колкава е карлицата на едно седум годишно девојче?? Знаете колкава е душата? Господе, кога бев дете, па и ден-денес, татко ми и мајка ми ми беа бегство од сета злоба на светот. Рака не кренале на мене, ме чувале ко најскапо нешто. И како да влезам во една детска глава и да сфатам како може оној кој те создал да те уништува така, оној кој треба да е штити и да ти го чува грбот до самиот крај да те повреди на таков начин? Директорката реагирала одма. Го уапсиле човекот, го осудиле на петнаесет години. На пријателот помалку. И двајцата ќе излезат предвреме. А додека се случувало апсењето и судењето, двете девојчиња биле испитувани на најнечовечен начин. Социјалната работничка (читај: жена) ги испрашувала како да испрашува четириесетгодишна жена од зад МТВ. Кој ли ќе ги заштити? Ги однеле во домот “11 Октомври”, оттаму ги посвоиле две семејства. Згрижени се.
А сепак, како ли ќе растат? Обележани од светот, обележани по душите, едно седумгодишно и едно осумгодишно девојченце, две сестрички силувани од двајца мажи, едниот – нивниот роден татко, треба да преживеат во овој свет.

Да, влеговме во една обична зграда, наречена инртернат. Наеднаш некако се најдовме во парче откинато од светот, фрлено тука за да ги заштити тие деца.  Влеговме во нешто што за нив се нарекува дом и ја има истата смисла како нашите домови. А не е како нашите домови.

Знам, знам колку тешко се преживува денес. Милион давачки, неплатени сметки, задоцнети плати. Но еве, јас и моите другари со кои денес бев таму, ве молам како луѓе од крв, месо и душа. Искористете ја моќта што ја имате. А имате моќ, имате можност да дадете по нешто. Дали тоа ќе биде храна, дали училишен прибор, дали облека, дали можност да се реагира преку институции,
Направете нешто.
Ете, ги молам луѓето, институциите и прв пат во животов ја молам државата. Регирајте! Да помогнеме, да притиснеме, да направиме нешто. Јас, која се лутам и некогаш ми доаѓа агресивно да делувам на неправди, денес ве молам најнајискрено ве молам да направиме нешто. Нема да го промениме светот. Ама можеби ќе промениме неколку животи, макар и за еден ден.
Бидејќи додека Виктор ни го покажуваше интернатот, собите внатре, додека не шеташе низ селото, го видов детството од друг агол. И никогаш не сум се чувствувала понемоќно и побеспомошно. Виктор се смееше. Зборуваше за брат му. Вели, ме тепа, ама не вистински. Ме тепа за да ме направи појак, да не плачам и да не се плашам. Сакам да пораснам и да сум јак ко него и ко Херкулес. Да пораснам и да сум јак.
А јас сакам да сум јака ко Виктор.


Sunday, 11 March 2012

Толеранција, соживот и живот.

Толеранција. Не толерирам никој и ништо.
Толеранција е лоша жена која те поздравува со језива широка насмевка на улица и едноставно знаеш дека нешто лошо ќе излезе од таа уста истиот ден.
Не барам толеранција.

Тука кај нас, имаш “добар ден” или “иди у курац” на неколку различни јазици.
Првото е живот, второто соживот. Ебем ти и религија и партија. Не држело ли некогаш нешто што не бира ни по возраст или пол, ни јазик, ни поп и оџа?
Ко да се сеќавам на нешто такво. Некогаш се викаше Струга. Бев родена и добар дел од детството поминав таму. Нешто имаа луѓето тогаш, за што не постои име, не постои облик или боја или вкус. Нешто што потсетува на мир и... пак ми доаѓа живот да речам.
И таму, можеби реката беше премногу брза, па ги однесе сите надежи со себе. Тоа го памети мајка ми, баба ми и дедо ми, ете, паметам и јас. Светот изгледа не знае.

Денес, толку години после моето детство, читам за некакви палки и ножеви со кои си играат децата. Читам за ѓаури, шиптари, големи македонии и албании, читам како секој би ја ебел туѓата мајка зашто носи шамија или зашто има темна кожа. Јас не бев научена така!
Само да се видите посрани националисти од страна, одвратни и сиви, наоружани со омраза и гнев, гладни за крв, гладни за болка. Се мавате в гради колку си ја сакате државата, колку е Македонија на Македонците, полни сте со античка мизерија, со скиснати г’зови залепени за троседите, се труете со етничка и верска омраза, а околу вас се распаѓаат домови, училишта, болници, фабрики, фамилии, се распаѓаат животи. Се колнете во ебената чиста Македонија, а таа распадната гние од вас самите. Излегувате на улица со стиснати тупаници за тепачка, а некој во црна вратоврска од над вас ви краде од залакот. И ви се смее! Се нарекувате патриоти. А патриотизам е една жена, полумртва од силување во сите дупки. И наместо родољубие, роди хаце омраза кон се’ поразлично. 
Како така, дуќаните, жените, маалата се или “наши” или “ваши”? Како ли децата веќе не се деца? Со истите гребаници по колениците и истите џумки на главите, ко јас некогаш, но не од детска игра, не од наивните детски игри.
Деца се, ќе речеш, па аљкни им по еден шамар да знаат кај им е местото. Или дома си ги воспитувате така? Дома ли ги учите да убиваат?

Струга, водата уште тече. Дрим знае што носи со себе. Ако некогаш в зори се најдеш на устие, или на камењата над реката, може ќе чуеш милион зборови што нема да ги разбереш, измешани гласови на луѓе, грохотни смеи или болни плачови. Ќе испарува од реката се’ и повторно ќе паѓа истиот дожд над струшките куќи, и можеби некој некогаш ќе потчуе нешто или ќе си го препознае стариот пријател по гласот, а може и ќе е глув на тие повици на минатото и дента нема да излезе од дома на дождот.
Што се случи со нас?

Приказните се раскажуваат за да биде чуен гласот на времето. За да ја разбудат душата, да го разбудат умот. Одбивам веќе да ги слушам приказните за разликите и проблемите кои ги носат. Измислени говна.
Измислен систем. Орален патриотизам. Измислен патриотизам.

Посебноста на еден народ, нели е во неговиот јазик, усното и писменото творештво, обичаите, изгледот на градовите што низ вековите ги градел? Учиме за нашите достигнувања, за туѓите, учиме да градиме подобри светови и начини за да го исправаме лошото и чуваме доброто. Од ситна ѕвездена прашина станавме луѓе, творци на нови светови. Требаше да ги чуваме богатствата на минатото. Што направивме?! Паднавме од најстрашното оружје, не ножот, не пушките или нуклеарните бомби, туку од приказните на авторитетите со нивните високи политики. Станавме марионети на најстрашниот порок, најстрашната болест – национализмот. Убиј го различниот. Убиј го зашто не е ко тебе. Не зборува на твојот јазик – ќе ти го украде гласот. Ја нема твојата боја на кожа – ќе ти ја одере кожата. Не пее иста песна – ќе ти го искине грлото.

Дали воопшто се сеќавам на среќен свет? Можеби беше дел од секунда, можеби и никогаш не припаѓав таму и се’ беше само идеја во мојата глава. Но идејата е мојата земја и моите луѓе од кои учам, им се восхитувам, им раскажувам која бев и која сакам да бидам. А види, живеам во свет во кој секој момент чекам војната да излезе од градскиот автобус и да не голтне сите. Можеби уште повеќе и сигурно уште пострашно, живеам во свет во кој војната е заклучена во автобусите и ни се смешка од прозорците – “ќе излезам сега, не (се смее), ќе излезам на наредната станица”.
Ете ти ја посраната војна. Кон тебе со едната нога.



Thursday, 8 March 2012

За д факин Осми Март



Еден осми март, 1857 година во Америка, се собрале жените работнички и излегле на улиците на Њујорк, изреволтирани од неподносливите услови за работа и мизерните плати. Е, сега, замисли да си на тие улици, помеѓу сите тие бесни жени кои си ги бараат правата во текстилните фабрики каде што работат ден и ноќ за да си ги издруваат семејствата. Не барале црвена ружа и парфемче, туку ПРАВА! И не застанале тука. На 8 март 1908 година се случил најмасовниот протест во Њујорк, кога на улиците излегле 15.000 жени, за наредната година, на 28 февруари, Социјалистичката партија на Америка да донесе декларација за да се одбележува денот на жената.

Следува првата меѓународна женска конференција во Копенхаген (1910 година), кога Клара Цеткин издејствува да се востанови Меѓународниот ден на жената.

Денес, овој ден е државен празник само во малку земји во кои некогаш владеел социјалистичкиот режим. Нашата земја е една од ретките во кои се празнува, но без политички конотации. Онака, симболично.  
Ова, бидејќи во нашата земја ни маж ни жена не се пизди на мизеријата, експлоатацијата, дискриминацијата, болеста на апатичноста и невреднувањето на трудот.
Каде живееме, како живееме – тоа е производ на нашите барања и нашите потреби. Јас не сум некоја феминистка, воопшто. Јас само се восхитувам на хардкорот по улиците кога некој знае што заслужува и што бара. Кога некој знае зошто живее. Јес да е расцветана оваа држава. Ружа ваму – ружа таму. Очигледно цвеќето е доволно. Земи го, понервирај се што е осми, а платата веќе цела недела нема абер од стигнување.

Среќен факин Осми Март. 


Tuesday, 28 February 2012

Да ја преживееме зимата СИТЕ. ИМАЈ СРЦЕ!

Јас сум (често) неупатена кога се во прашање бројки. На – ај погоди колку години имам, колку жители брои градот Ресен, колку степени немаше Скопје вечерва – ќе ти кренам рамења и во себе ќе превртам очи.
Ама едно знам(!) ако вечерва некаде по пат ми испаднеа рацете или нозете од ладно, јас немаше да приметам. Цело време по пат, од Ла Кања па до Љубов и од Љубов се’ до последната раскрсница за накај мене, знаев дека си одам дома и ќе си го гушнам ќебето, то карираното шо и’ го зедов на баба, ќе сварам еден чај (или ако останала ракија), ќе го пуштам What Dreams May Come и од пенџере ќе уживам во пердувчињата отцепени од облаците. И ќе си сварам тарана. И ќе си запалам цигара. Ќе се слушнам со моите ако не се заспани.
Јбг, така ја доживувам зимата. Јас!

Во меѓувреме:
Седеше пред Апче со рацете в џеб. Замрзнати мрсулки, ветво палто. Две чизми, двете различни. Двете со дупки. Гола глава. Осум годинки во очите. Нема за неа топла тарана за вечера.
Стоеше пред Жу-Жу во стар плетен џемпер. Испужената рака ја издаваше староста на џемперот. Некогаш и’ дозволуваат да поспие во пекарата, на потопло. Стара е. Таа нема вишок ќебенце, како баба ми што имаше, па ми го даде мене.
Лежеше пред влезот на Буњаковец. Испиени образи. Коска и кожа. Неколку пара чорапи, еден врз друг, неуспешно ги топлеа до колена голите нозе. Брчките – полни прав и прашања. Тој немаше топла ракија и цигарче да се згрее на студов.

Кукаме дури ни се тресат г’зовите на мразов додека пушиме цигара пред кафулиња. Кукаме кога мора да се оди наутро до продавница. Не дај боже до факс, се м’кнам по сат и пол натака и навака.
Замислете да се чувствувате така од утро до вечер и од вечер до утро!
Замислете на овие студови да си немате ваша дома, да си немате кај да се згреете, да си поприкажете со некој со топло нес или варено вино.

Ако имате по дома стари капути, чизми на кои им поминала модата, џемпери, маички, макар и стари чорапи, шалови, капи, некоја тегла слатко или конзерва грашок (ако имате повеќе, ПОВЕЌЕ), свртете еден круг по плоштад. Дајте ги, нема да ви пропадне светот без нив. Ве молам помислете на нив.

Да ја преживееме зимата СИТЕ
Ако имате по дома стари капути, чизми на кои им поминала модата, џемпери, маички, макар и стари чорапи, шалови, капи, некоја тегла слатко или конзерва грашок (ако имате повеќе, ПОВЕЌЕ), на 3 Март, во сабота, од 12:00 до 15:00, повелете на еден од следниве пунктови:
1. Плоштад Макеоднија (околу воинот на коњ)
1. Пред Универзална Сала
2. Лептокарија (кај флуид)
3. Беверли Хилс (пред главен влез)
4. Аеродром (Бисер)

Иако најстрашниот дел од оваа зима помина, сепак следат уште многу ладни ноќи. Да им помогнеме на оние кои ја изгубиле топлината на својот дом полесно да ги поминат. Она што вам не ви треба за некој живот значи. Помогнете!

Биди хуман.
ИМАЈ СРЦЕ!

Wednesday, 8 February 2012

Да ја преживееме зимата СИТЕ

Јас сум (често) неупатена  кога се во прашање бројки. На – ај погоди колку години имам, колку жители брои градот Ресен, колку степени немаше Скопје вечерва – ќе ти кренам рамења и во себе ќе превртам очи.
Ама едно знам(!) ако вечерва некаде по пат ми испаднеа рацете или нозете од ладно, јас немаше да приметам. Цело време по пат, од Ла Кања па до Љубов и од Љубов се’ до последната раскрсница за накај мене, знаев дека си одам дома и ќе си го гушнам ќебето, то карираното шо и’ го зедов на баба, ќе сварам еден чај (или ако останала ракија), ќе го пуштам What Dreams May Come и од пенџере ќе уживам во пердувчињата отцепени од облаците. И ќе си сварам тарана. И ќе си запалам цигара. Ќе се слушнам со моите ако не се заспани.
Јбг, така ја доживувам зимата. Јас!

Во меѓувреме:
Седеше пред Апче со рацете в џеб. Замрзнати мрсулки, ветво палто. Две чизми, двете различни. Двете со дупки. Гола глава. Осум годинки во очите. Нема за неа топла тарана за вечера.
Стоеше пред Жу-Жу во стар плетен џемпер. Испужената рака ја издаваше староста на џемперот. Некогаш и’ дозволуваат да поспие во пекарата, на потопло. Стара е. Таа нема вишок ќебенце, како баба ми што имаше, па ми го даде мене.
Лежеше пред влезот на Буњаковец. Испиени образи. Коска и кожа. Неколку пара чорапи, еден врз друг, неуспешно ги топлеа до колена голите нозе. Брчките – полни прав и прашања. Тој немаше топла ракија и цигарче да се згрее на студов.

Кукаме дури ни се тресат г’зовите на мразов додека пушиме цигара пред кафулиња. Кукаме кога мора да се оди наутро до продавница. Не дај боже до факс, се м’кнам по сат и пол натака и навака.
Замислете да се чувствувате така од утро до вечер и од вечер до утро!
Замислете на овие студови да си немате ваша дома, да си немате кај да се згреете, да си поприкажете со некој со топло нес или варено вино.

Ако имате по дома стари капути, чизми на кои им поминала модата, џемпери, маички, макар и стари чорапи, шалови, капи, некоја тегла слатко или конзерва грашок (ако имате повеќе, ПОВЕЌЕ), свртете еден круг по плоштад. Дајте ги, нема да ви пропадне светот без нив. Ве молам помислете на нив.

Го најдов ова, па земете предвид:

 Од денеска до недела ( 5 фебруари) пунктот во Момин поток ќе работи 24 часа со цел да им понуди простор за греење и топол оброк на сите луѓе кои тоа им е потребно поради најавените рекордни ниски температури. Доколку некои од граѓаните познаваат лица кои имаат потреба од прифатилиштето нека се обратат на следниве телефони:
070 250 054
070 317 822
071 261 787
070 317 601

Да ја преживееме сите зимата. :*

Sunday, 11 December 2011

Што значи да се биде активист

Пред се’, ќе ме сфатат оние кои уште како деца реагирале на неправди и злочин. Не го сфаќале однесувањето на авторитетите, не го прифаќале страдањето на послабите. Се бунеле на секоја иритирачка ситница на родителот, наставникот, потоа професорот, вртење грб на другарот во друштвото, исмејување на несличниот на останатите, неправедно оценување во фактичките и фиктивните случаи, предавство, лицемерие и користољубие.
Во вакво фригидно општество, вистинските човечки вредности се умртвени. Еден мој професор тоа го опиша вака – ако сакаш да убиеш човек, можеш да му рокнеш нож в срце и да го залепиш од болка, но неговото мртво тело ништо нема да ти значи. А ако го боцнеш со игла, тој ќе почувствува нешто како убод од комарец, па ќе го поврзеш со отровната инфузија и нема ни да ги почувствува капките отров што го парализираат, па ќе си играш со него, ќе манипулираш со неговата душа и тело, ќе го исцрпиш тотално и ќе го исфрлиш кога нема да ти е потребен повеќе. Тоа се случи со луѓето тука – мртви се без да се свесни за тоа. Претепани, не реагираат на шамарите секојдневно што ги јадат од системот и државата.
Ќе ме сфатите најлесно вие кои уште како деца бевте лути на глувоста и слепоста на останатите. Вие – кои отсекогаш бевте трн во очите на големите луѓе и чудни и по малку смешни во очите на блиските.
Колку пати ви велеле – замарајте се со себе, колективните проблеми не се интимни и не сте зачин за секоја чорба.
Еј! Луѓе! Па јас ја гледам големата слика! Јас сум парче хартивче, дел од големата слагалица, јас сум мало алче во синџирот на човештината! Зарем сите да попуштиме и да се скриеме во розеви ѕидови, зарем да градиме нови домови за нашата самотија кога првиот дом што го имаме се распаѓа? Бродот тоне, не сме глувци да го бараме сувото!
Се плашев дека сум изрод кој се оштри на падот на државата, екологијата, младоста, ентузијазмот. Сама сум? Само јас ли се лутам на искршените школски клупи, најлоните наместо прозори во распаднатите домови, ќесите во езерото и безличноста на луѓето?
Само јас ли сум фрлена на потсмев со моите идеи, вербално напаѓана од моите кога ми велат “фати се за себе и гледај си го патот”, со врзани раце да помогнам бар малку, бар најмалку овој свет да се обои над сивилото што не голтнало сите?
Идејата не спојува. Рацин рече – “та не сме саде ние, та не сме саде тука”!
Не постои ништо подобро од моментот кога ќе те спои животот со прекрасни луѓе кои го делат истиот дух како тебе. На многу начини различни, но суштински исти, се надополнувате, се охрабрувате, се радувате и тажите на успесите и падовите во борбата против зомбизмот кај луѓето. Да, неретко губите верба во себе си и во она што го работите. Често немате разбирање од околината, немате пари и средства за да го остварите зацртаното, немате отворени врати и едноставно посакувате да кренете раце од се’ и да продолжете сами. Тие ќе се тука да ви ја вратат вербата и да ви го удрат потребниот шамар кога заспивате со останатиот свет. Ќе ве потсетат дека ништо што е искрено и посакувано од срце не е залудно.
Да си активист значи да си човек. Да си активист значи да си стегнатата алка во човековиот синџир. Да си активист значи да си жнеач чии плодови, иако можеби подоцна, но еден ден со сигурност,  ќе изникнат над асфалтираните полиња на градот. Да си активист значи да си дел од една фамилија чии деца се големите соништа. Да си активист значи да имаш силни две раце кои тие соништа ги остваруваат.
Што значи да си активист најдобро ќе ме сфатат оние кои веќе си го пронашле местото на фронтот. Другите ќе сфатат кога ќе ја откорнат отровната игла од вената и ќе излезат од розевите ѕидови.
Ние сме деца на светот.
Еден свет – една борба!

Налутете се! Еден свет - една борба!

Родени сме како борци. Оној првиот плач на бебето прв пат кога вдишува не е ништо друго освен крик на предизвик! Растеме диво и брзо, сакаме се’. Одземи му на дете чоколадо, само пробај! Пробај оттргни го од играта, како бран ќе те заплиска борбата на детските рачиња за она што им припаѓа.
Потоа не праќаат во школи. Ако сме немирни, велат – ќе ти викнам полиција! Ако сме послушни ќе добиеме награда. Не воспитуваат со шамар што ќе го добиеш пред да згешиш. Добиваме титули – претседател на клас. Абе ајде! Авторитетите се наметнати уште пред да знеме што значат. Не замолкнуваат со трошки идеи, па не складираат во конзерви пред да ни светне дека знаеме да летаме.
Налутете се!
Налутете се на родителите, на професорите, на законите, на лидерите, налутете се на светот! Послушноста никогаш нема да донесе промени. Послушноста никогаш нема да даде нови одговори. Вистината е маслена топка во вода и ја менува формата како што ја тресете чашата. Не им верувајте кога ви раскажуваат за неа. Имате ваши очи, имате свој посебен поглед на светот. Не давајте да ви го одземат, да ви ги стуткаат идеалите и да ве заковаат како уште една шаховска фигура на црно-белото поле под вас. Откријте ги боите.
Ни отвораат само една врата – нозете на мајката. Потоа лажат дека се’ е пресметано и наше е да го обезбедиме клучот за единствената врата на нашите деца. Лажат. Лажат кога велат дека во ова време на прецизни пресметки кога се знае како се вика втората ѕвезда над нас од левата страна на месечината, не се знае што се крие во човековата душа. Лажат за да не си ги најдеме крилјата таму, да не им клизнеме низ раце, да не им плеснеме в лице дека нивната сегашност е бајата риба на пазарот за преживување!
Не им ја давајте револуцијата. Револуцијата не е историски факт кој некогаш донел некакви си промени. Револуцијата е во нас, таа потреба од еволуција, потреба од креативност, уметност, слобода, среќа, љубов, живот.
И’ дадоа смешен призвук во 21 век, ко да сме деца во везени елеци и пушки на појасите. Одбивна за модерните уши врзани за слушалките на радијата кои ни пласираат стари вести, уши кои се плашат од нови мелодии.
За нив бесот е грев. Болката е патетична.
За нас, болката е шифра на новото време.
Ајде, да го разбудиме детето во нас. Нека се трча, нека се гребат коленици. Нека се лета, нека се рушат граници.
Еден свет – една борба!