Pages

Tuesday 28 February 2012

Да ја преживееме зимата СИТЕ. ИМАЈ СРЦЕ!

Јас сум (често) неупатена кога се во прашање бројки. На – ај погоди колку години имам, колку жители брои градот Ресен, колку степени немаше Скопје вечерва – ќе ти кренам рамења и во себе ќе превртам очи.
Ама едно знам(!) ако вечерва некаде по пат ми испаднеа рацете или нозете од ладно, јас немаше да приметам. Цело време по пат, од Ла Кања па до Љубов и од Љубов се’ до последната раскрсница за накај мене, знаев дека си одам дома и ќе си го гушнам ќебето, то карираното шо и’ го зедов на баба, ќе сварам еден чај (или ако останала ракија), ќе го пуштам What Dreams May Come и од пенџере ќе уживам во пердувчињата отцепени од облаците. И ќе си сварам тарана. И ќе си запалам цигара. Ќе се слушнам со моите ако не се заспани.
Јбг, така ја доживувам зимата. Јас!

Во меѓувреме:
Седеше пред Апче со рацете в џеб. Замрзнати мрсулки, ветво палто. Две чизми, двете различни. Двете со дупки. Гола глава. Осум годинки во очите. Нема за неа топла тарана за вечера.
Стоеше пред Жу-Жу во стар плетен џемпер. Испужената рака ја издаваше староста на џемперот. Некогаш и’ дозволуваат да поспие во пекарата, на потопло. Стара е. Таа нема вишок ќебенце, како баба ми што имаше, па ми го даде мене.
Лежеше пред влезот на Буњаковец. Испиени образи. Коска и кожа. Неколку пара чорапи, еден врз друг, неуспешно ги топлеа до колена голите нозе. Брчките – полни прав и прашања. Тој немаше топла ракија и цигарче да се згрее на студов.

Кукаме дури ни се тресат г’зовите на мразов додека пушиме цигара пред кафулиња. Кукаме кога мора да се оди наутро до продавница. Не дај боже до факс, се м’кнам по сат и пол натака и навака.
Замислете да се чувствувате така од утро до вечер и од вечер до утро!
Замислете на овие студови да си немате ваша дома, да си немате кај да се згреете, да си поприкажете со некој со топло нес или варено вино.

Ако имате по дома стари капути, чизми на кои им поминала модата, џемпери, маички, макар и стари чорапи, шалови, капи, некоја тегла слатко или конзерва грашок (ако имате повеќе, ПОВЕЌЕ), свртете еден круг по плоштад. Дајте ги, нема да ви пропадне светот без нив. Ве молам помислете на нив.

Да ја преживееме зимата СИТЕ
Ако имате по дома стари капути, чизми на кои им поминала модата, џемпери, маички, макар и стари чорапи, шалови, капи, некоја тегла слатко или конзерва грашок (ако имате повеќе, ПОВЕЌЕ), на 3 Март, во сабота, од 12:00 до 15:00, повелете на еден од следниве пунктови:
1. Плоштад Макеоднија (околу воинот на коњ)
1. Пред Универзална Сала
2. Лептокарија (кај флуид)
3. Беверли Хилс (пред главен влез)
4. Аеродром (Бисер)

Иако најстрашниот дел од оваа зима помина, сепак следат уште многу ладни ноќи. Да им помогнеме на оние кои ја изгубиле топлината на својот дом полесно да ги поминат. Она што вам не ви треба за некој живот значи. Помогнете!

Биди хуман.
ИМАЈ СРЦЕ!

No comments:

Post a Comment