Pages

Sunday 11 March 2012

Толеранција, соживот и живот.

Толеранција. Не толерирам никој и ништо.
Толеранција е лоша жена која те поздравува со језива широка насмевка на улица и едноставно знаеш дека нешто лошо ќе излезе од таа уста истиот ден.
Не барам толеранција.

Тука кај нас, имаш добар ден” или “иди у курац” на неколку различни јазици.
Првото е живот, второто соживот. Ебем ти и религија и партија. Не држело ли некогаш нешто што не бира ни по возраст или пол, ни јазик, ни поп и оџа?
Ко да се сеќавам на нешто такво. Некогаш се викаше Струга. Бев родена и добар дел од детството поминав таму. Нешто имаа луѓето тогаш, за што не постои име, не постои облик или боја или вкус. Нешто што потсетува на мир и... пак ми доаѓа живот да речам.
И таму, можеби реката беше премногу брза, па ги однесе сите надежи со себе. Тоа го памети мајка ми, баба ми и дедо ми, ете, паметам и јас. Светот изгледа не знае.

Денес, толку години после моето детство, читам за некакви палки и ножеви со кои си играат децата. Читам за ѓаури, шиптари, големи македонии и албании, читам како секој би ја ебел туѓата мајка зашто носи шамија или зашто има темна кожа. Јас не бев научена така!
Само да се видите посрани националисти од страна, одвратни и сиви, наоружани со омраза и гнев, гладни за крв, гладни за болка. Се мавате в гради колку си ја сакате државата, колку е Македонија на Македонците, полни сте со античка мизерија, со скиснати гзови залепени за троседите, се труете со етничка и верска омраза, а околу вас се распаѓаат домови, училишта, болници, фабрики, фамилии, се распаѓаат животи. Се колнете во ебената чиста Македонија, а таа распадната гние од вас самите. Излегувате на улица со стиснати тупаници за тепачка, а некој во црна вратоврска од над вас ви краде од залакот. И ви се смее! Се нарекувате патриоти. А патриотизам е една жена, полумртва од силување во сите дупки. И наместо родољубие, роди хаце омраза кон се поразлично. 
Како така, дуќаните, жените, маалата се или наши или ваши? Како ли децата веќе не се деца? Со истите гребаници по колениците и истите џумки на главите, ко јас некогаш, но не од детска игра, не од наивните детски игри.
Деца се, ќе речеш, па аљкни им по еден шамар да знаат кај им е местото. Или дома си ги воспитувате така? Дома ли ги учите да убиваат?

Струга, водата уште тече. Дрим знае што носи со себе. Ако некогаш в зори се најдеш на устие, или на камењата над реката, може ќе чуеш милион зборови што нема да ги разбереш, измешани гласови на луѓе, грохотни смеи или болни плачови. Ќе испарува од реката се и повторно ќе паѓа истиот дожд над струшките куќи, и можеби некој некогаш ќе потчуе нешто или ќе си го препознае стариот пријател по гласот, а може и ќе е глув на тие повици на минатото и дента нема да излезе од дома на дождот.
Што се случи со нас?

Приказните се раскажуваат за да биде чуен гласот на времето. За да ја разбудат душата, да го разбудат умот. Одбивам веќе да ги слушам приказните за разликите и проблемите кои ги носат. Измислени говна.
Измислен систем. Орален патриотизам. Измислен патриотизам.

Посебноста на еден народ, нели е во неговиот јазик, усното и писменото творештво, обичаите, изгледот на градовите што низ вековите ги градел? Учиме за нашите достигнувања, за туѓите, учиме да градиме подобри светови и начини за да го исправаме лошото и чуваме доброто. Од ситна ѕвездена прашина станавме луѓе, творци на нови светови. Требаше да ги чуваме богатствата на минатото. Што направивме?! Паднавме од најстрашното оружје, не ножот, не пушките или нуклеарните бомби, туку од приказните на авторитетите со нивните високи политики. Станавме марионети на најстрашниот порок, најстрашната болест – национализмот. Убиј го различниот. Убиј го зашто не е ко тебе. Не зборува на твојот јазик – ќе ти го украде гласот. Ја нема твојата боја на кожа – ќе ти ја одере кожата. Не пее иста песна – ќе ти го искине грлото.

Дали воопшто се сеќавам на среќен свет? Можеби беше дел од секунда, можеби и никогаш не припаѓав таму и се беше само идеја во мојата глава. Но идејата е мојата земја и моите луѓе од кои учам, им се восхитувам, им раскажувам која бев и која сакам да бидам. А види, живеам во свет во кој секој момент чекам војната да излезе од градскиот автобус и да не голтне сите. Можеби уште повеќе и сигурно уште пострашно, живеам во свет во кој војната е заклучена во автобусите и ни се смешка од прозорците – ќе излезам сега, не (се смее), ќе излезам на наредната станица.
Ете ти ја посраната војна. Кон тебе со едната нога.



No comments:

Post a Comment